Во Музеј галеријата во Кавадарци отворена е ретка изложба на сликари автори од три генерации: академик Васко Ташковски, неговиот татко Ристо Ристовски и ќерката Лара Ташковска. Ристовски е роден 1912 во Нижополе, Битола, починал во 1989. Сите тројца изложуваат по 21 дело, работени во техника акварел, масло на платно и акрил.
Авторите татко и ќерка Васко и Лара Ташковски кажаа дека тие нема да зборуваат многу за себе туку ќе ги остават пристутните да ги видат делата и така да ги осознаат.
„Нема да зборувам за моите слики, творештвото. Мојот духовен автопортрет можете да го видите преку сликите. Тие зборуваат за мене. Поетот Петре М. Андреевски рече, дека секој што ќе зборува преку уметноста, зборува за себе. Моите слики зборуваат за мене. Гледајте ги сликите и воспоставите контакт и дијалог“ , кажа Васко Ташковски.
Изложбата во април беше отворена во Галеријата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
П. ПЕЧКОВ