ЈАС СУМ НАЈКОМПЛЕТНИОТ ФУДБАЛЕР ВО ИСТОРИЈАТА, КАЖА КРИСТИЈАНО РОНАЛДО, КОЈ НАПОЛНИ 40 ГОДИНИ

Лондон, (Би-Би-Си)

На возраст кога многумина фудбалери и спортисти се веќе пензионирани, Кристијано Роналдо сѐ уште е гладен за игра и успеси. Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња денеска наполни 40 години и продолжува да игра професионално во Саудиска Арабија и како капитен да ја предводи португалската репрезентација.

Роналдо е фудбалската верзија на Леброн Џејмс, кој неодамна стана 40-годишник и останува еден од најдобрите активни кошаркари во НБА-лигата. Други славни фудбалери кои играле во свои 40-ти години се Џанлуиџи Буфон, Златан Ибрахимовиќ и Пепе.

Роналдо има исклучителна колекција трофеи – 33 и бројни индивидуални признанија, но што уште би можел да постигне во новата играчка деценија?

Роналдо ја предводеше Португалија до титулата на Европското првенство 2016 (Фото: АП)

Во септември 2024 тој ја надмина границата од 900 постигнати голови, прв во професионалниот фудбал и претходно кажа дека сон му било да ја достигне бројката од 1.000 голови (тврдењето на Пеле дека дал над илјада голови официјално не е потврдено).

Го сакам тоа. Ако немам повреди, тоа е најважното нешто што сакам да го постигнам“, рече тој во август лани.

Роналдо ја предводеше Португалија до титулата на Европското првенство и Лигата на нации, но светската титула досега му беше недостижна. Тој ќе има 41 година во времето на следниот Мундијал во САД, Канада и Мексико, што ќе се игра во јуни/јули 2026. Тоа би му било рекордно шесто светско првенство.

На Роналдо не му недостига самодоверба и на 40 години.

Мислам дека сум најкомплетниот играч што постоел. Според мое мислење, тоа сум јас, сѐ правам добро во фудбалот. Ако ви се допаѓаат Меси, Пеле, Марадона, го разбирам тоа и го почитувам, но јас сум најкомплетниот. Не сум видел некој подобар од мене и тоа го кажувам од срце“, кажа Роналдо.

(Фото: АП)