ЈАВАЊЕТО КОЊИ ЗА СИЛЈА ДУКОВСКА ПОЧНА КАКО ЗАНИМАЦИЈА ВО ПАНДЕМИЈАТА, ПА ПРЕРАСНА ВО ТРОФЕЕН СПОРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Она што почна како занимација за време на пандемијата на ковид-19, за Силја Дуковска се претвори во натпреварувачки спорт и освојување трофеи.

Четиринаесетгодишната Дуковска неодамна го освои првото место во прескокнување пречки на коњичкиот турнир Белград опен, триумфирајќи пред уште една натпреварувачка од Македонија, Леонида Гроздановска, што е само продолжение на одличните резултати што ги постигнува на домашната сцена. Силја две години по ред беше државна шампионка во конкуренција на деца, а сега настапува како јуниорка.

Дуковска ова лето ќе се обучува во Хрватска (Фото: приватна архива)

Дуковска, која тукушто го заврши основното образование, почна да јава пред три години, кога пандемијата на ковид-19 ги запре нејзините тогашни воншколски активности. Денес е член на коњичкиот клуб Илинден и тренира под палката на Бобан Томевски.

„Кога сѐ се затвори, јавањето коњи излезе како одлична можност да се биде на отворено. Така се роди љубовта кон јавањето и Силја сега тренира секој ден со два коња“, вели нејзината мајка Љубица.

Дуковска со трофејот од Белград опен (Фото: приватна архива)

Во меѓувреме настапи на Балканијадата во Романија и на други меѓународни натпреварувања, а овој месец ќе оди во Хрватска, каде што ќе биде ученик во академијата за јавање „Кавалерија тоскана“ во Самобор.

Г. КОНЕВ