Млад фан на Манчестер јунајтед кој побарал од Ливерпул да престане да победува за да не је освои титулата во Англија бил шокиран кога добил одговор лично од Јирген Клоп.
Десетгодишниот Дареј Карли од Северна Ирска му пишал на тренерот на Ливерпул во рамките на домашна задача, при што го замолил Ливерпул да почне да губи.
„Ливерпул премногу победува. Ако добие уште девет натпревари, тоа ќе биде најдолгата победничка низа во англискиот фудбал и тоа е многу тажно ако си фан на Манчестер. Затоа ве молам да изгубите следниот пат кога ќе играте. Се надевам дека ве убедив да не ја освојувате лигата“, напишал малиот Дареј.
Неговиот татко Гордон изјави дека биле шокирани кога сфатиле дека писмото што му било испратено на Дареј е од самиот Клоп.
„Колку и да сакаш да изгубиме, мојата работа е да сторам сѐ што можам за да му помогнам на Ливерпул да победува, затоа што има милиони фанови низ цел свет кои го сакаат тоа и не сакам да ги изневерам. Кога имаш 10 години мислиш дека работите засекогаш ќе бидат како што се сега, но јас со моите 52 години можам да ти кажам дека тоа не е така. Ливерпул ќе губи во иднина затоа што тоа е фудбал. Манчестер е среќен што те има за навивач и јас многу ја почитувам твојата страст за клубот и фудбалот“, напишал Клоп.
Иако германскиот тренер се покажал како „ужасно, ужасно пристоен човек“, Гордон Карли вели дека тие остануваат фанови на Манчестер.
Ливерпул сѐ уште нема пораз оваа сезона и му требаат уште пет победи за да ја освои првата шампионска титула по 30 години пауза.