КАКО СИН НА НОВИНАР, ВОСПИТАН СУМ ДА ЈА КАЖУВАМ ВИСТИНАТА, КАЖА ЏОРЏ КЛУНИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БРОДВЕЈ

САД, (АП)

Џорџ Клуни ќе го има своето деби на Бродвеј, раскажувајќи ја приказната за легендарниот репортер Едвард Р. Мароу во адаптација на неговиот филм од 2005 „Добра ноќ и со среќа“ (Good Night, and Good Luck). Настапите започнуваат на 12 март.

Мароу, кој почина во 1965 година, се смета за еден од основоположниците на ТВ-вестите во САД и се прослави со спротивставувањето на сенаторот Џо Мекарти, кој создаде параноја на комунистичка закана во 1950-тите.

„Воспитан сум да ја кажувам вистината. Разликата помеѓу времето на Мароу и денес е тоа што сега за вистината може да се преговара“, рече Клуни.

Во филмската верзија улогата на Мароу му припадна на Дејвид Стратхерн, а Клуни го игра извршниот директор на Си-Би-Ес, Фред Френдли. Како и во филмот, и во претставата ќе има снимки од Мекарти на екраните, а сцената ќе личи на редакција со десетици старомодни монитори.

Мароу бил чест гостин во домот на Клуни додека растел. Неговиот татко Ник Клуни бил новинар кој работел како водител на ТВ-вести.

„Јас сум син на новинар, релевантен новинар, човек кој ја кажува вистината. Татко ми сè уште е таму некаде и се бори“, вели Клуни, кој претходно инсистираше дека не сака да биде најплатениот актер на Бродвеј.

(Фото: АП)