ЌЕ ГЛУМАМ ДОДЕКА МЕ ДРЖАТ УМОТ И КОЛЕНАТА, ШТО ЌЕ ПРАВАМ ДОМА, ВЕЛИ ЈАН МЕККЕЛЕН

Лондон, (АП)

Сер Јан Меккелен вели дека претстојната улога на кралот Лир во лондонски театар е, веројатно, негова последна голема улога во драмите на Шекспир, но во никој случај нема намера да се откаже од глумата.

„Ќе глумам сѐ додека ме држат колената. А, умот и меморијата, исто така, сѐ уште ми се добри. Секој ден отсега тие би можеле да почнат да слабеат и можеби ќе жалам за некои работи што не сум ги направил додека сум бил здрав. Сега сум здрав, па зошто не би работел. Што, по ѓаволите, ќе правам дома“, вели 79-годишниот Меккелен.

Сега кога се ближи кон својата 80. година, Меккелен вели дека во вистинско време ја репризира улогата на кралот Лир по повеќе од една деценија.

„Тоа е и возраста на Лир. Тој е стар човек кој се повлекува од животот. Човек кој го напушта умот и чиј живот е конфузија. Тоа е нешто со што можам да се поистоветам, па оваа улога лично ја сфаќам“.

Животот и кариерата на Меккелен наскоро ќе бидат прикажани во биографскиот документарец „Меккелен: играјќи ја улогата“. Тој признава дека во прв момент се двоумел дали да учествува во тој проект.

„Мислам дека не сум стручен да зборувам за самиот себеси. Јас знам само две работи: една е глумата, затоа што го правам тоа долго време, а друга е да бидам хомосексуалец, затоа што тоа сум цел живот. Само за тие две работи можам да зборувам како авторитет“.