ЌЕ МИ БЕШЕ КРИВО АКО ДРУГ СЕДНЕШЕ ВО МОЕТО СТОЛЧЕ ВО „МИЛИОНЕРОТ“, ВЕЛИ ТАРИК ФИЛИПОВИЌ ПРЕД ПРЕТСТАВАТА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот актер и водител Тарик Филиповиќ на 11 април во Македонскиот народен театар ќе ја игра авторската претстава „Секс и глад“, шест години откако одлично помина со монодрамата „Ќиро“ во истиот театар, во организација на продукциите „КМК и „Кикса“. Филиповиќ вели дека со претставата сака да руши табуа поврзани со сексот кои сѐ уште се присутни во нашиот регион.

„Иницијалната идеја за оваа претстава беше тоа што бев многу незадоволен со претставите, филмовите и сериите кои ги третираат сексот и сексуалноста. Тоа ни беше продавано толку евтино и тривијално. Едноставно, како некој да ми фрли ракавица в лице и ми каже: ‘Ајде, фати го тоа и спакувај го на поубав начин’. Така што, се фатив за темата сексуалност, па читав книги, црпев нешто од литературата, нешто од животот, нешто од своето искуство, нешто што сум го слушнал и видел. А, првенствено, идејата беше некако да ја олабавиме таа тема која е толку природна, а е без причина со табуа, особено во нашиот регион. Сакав да си помогнам на себеси и на другите и мислам дека во тоа успеав“, вели Филиповиќ.

Филиповиќ во претставата „Секс и глад“ го игра д-р Удо кој држи предавање за сексот (Фото: Фесјбук)

Претставата е како предавање, а тој е повеќе наклонет кон женската страна, како што вели, со причина. Го игра доктор Удо, кој е неговото алтер его и е најсилен на светот, што се однесува до сексуалноста. Претставата е интерактивна и тој одговара на сите прашања на луѓето.

„Се обидов да направам еден мал пресек низ историјата и да ги скенирам женскиот и машкиот мозок. Кога го истражувавме машкиот мозок, сфатив дека е составен од само два дела: секс и глад“, ни рече актерот.

За неговата претходна хит-претстава „Ќиро“, која му ја посвети на легендарниот фудбалски тренер Ќиро Блажевиќ, вели дека ја играл 150 пати.

„Тешко ми е да кажам покојниот, но покојниот Ќиро претставата ја гледаше седум пати, а првите две изведби не му беа многу смешни затоа што луѓето околу се смееја. Јас таа претстава ја работев со љубов спрема него и на тој начин сакав да ја раскажам на еден релаксиран, по малку смешен и тажен начин. Седмиот пат ја гледаше кога ФК Динамо ја закупи салата и дојдоа сите генерации на клубот, меѓу кои и неговата шампионска генерација од 1982. И секогаш ми одѕвонува онаа негова реченица кога ме прегрна и ми рече: ‘Ти благодарам сине што додека сум жив, ме направи бесмртен‘. Јас за својот живот немам претстава, но пред една година ми текна да се направи претстава за животот на Северина. Таа сѐ уште се крши како што Ќиро се кршеше на почетокот и не е уште одлучено, но чекам зелено светло од неа“.

Во неговиот матичен театар „Керемпух“, Филиповиќ ја игра претставата „Претседатели и ца“, чиј автор е тој и ја играл повеќе од 120 пати. Пишува три нови претстави и вели дека му е желба да ја направи својата трета монодрама.

На телевизија, по шест години се врати во популарниот квиз „Кој сака да биде милионер?“.

„Кога ‘Милионерот’ се врати по три години пауза, јас го водев квизот ‘Потера’ и тие сакаа да ги водам и двата квиза, на што јас не се согласив. Тогаш ми рекоа да бирам и иако ‘Потера’ е квиз кој е побрз и подинамичен, го избрав ‘Милионер’ затоа што е нешто мое. Тешко ќе поднесев некој друг да седне во моето столче во ‘Милионерот’, па се вратив на моите квизовски корени. Луѓето ги гледаат и ‘Милионер’ и ‘Потера’, кој сега го води мој колега и пријател. Она што ќе го паметам засекогаш е еднинствената личност која го освои милионот, што сега е 150.000 евра, Мира Биќаниќ и еве го чекаме вториот милонер пред да заврши квизот“, кажа Филиповиќ.

Како татко на двајца тинејџери, тој и сопругата Лејла велат дека и како сите родители, си велат: „мали деца-мали проблеми, големи деца-големи проблеми“.

Тарик Филиповиќ со сопругата Лејла (Фото: Инстаграм)

„Дури сега го разбирам она неспиење на мајка ми, кога ме чекала да се вратам од излегување во пет наутро. Сите работи што ги носи нивното време и нивната генерација се обидуваме да ги разбереме, но некои нешта потешко ги прифаќаме. Нека се живи и здрави, нека го најдат својот пат, а ние сме тука да им бидеме потпора и да ги турнеме во вистинската насока“, вели Филиповиќ за семејстото.

Актерот е горд што израснал во Зеница, во Босна и Херцеговина.

„Освен со мајка ми и татко ми, израснав и на улица и научив доста од таа улична школа во таков еден работнички град како Зеница. Тоа што ќе го поминеш на таа улица, па потоа со воениот рок и заедно со воспитувањето од родителите те подготвува за понатаму во животот. Кога ме прашуваат каде сакам да патувам во регионот, велам дека тоа се мојата родна Босна и во Хрватска во која живеам. Не сум југоносталгичен, покрај сите страшни нешта кои ни се случија. Но, во Македонија има некои посебни емоции кои се заемни, чувствувам голема топлина од луѓето и сакам да доаѓам во Македонија. Немам често можност, но многу се радувам и се надевам дека пак ќе биде прекрасно како и секогаш“, вели Тарик Филиповиќ.

М. ЏАРОВСКА