КИНЕЗ СЕ ИСКАЧИ НА МОНТ ЕВЕРЕСТ 43 ГОДИНИ ОТКАКО ОСТАНАЛ БЕЗ ДВЕТЕ НОЗЕ

Пекинг, (Би-Би-Си)

Кинески планинар, на кој двете нозе му биле ампутирани поради смрзнатините што ги претрпил на Монт Еверест пред повеќе од 40 години, успеа да го искачи највисокиот врв на светот на стартот на новата сезона.

Во 1975 година, Шија Боју останал без двете стапала откако му ја дал својата вреќа за спиење на болен колега при невреме на голема височина.

Сега 69-годишен, Боју стана само втор човек без двете нозе кој се искачил на Монт Еверест, но прв кој го направил тоа од непалската страна.

Невремето што го погодило Боју во 1975 година се случило во таканаречената зона на смртта, блиску до врвот, на висина над 8.000 метри, кога тој и неговата екипа останале заглавени три ноќи. Во прв момент му биле ампутирани само стапалата, а подоцна останал без двете нозе целосно поради рак. Сепак, тој никогаш не се откажал од сонот да се искачи на Монт Еверест.

Тоа беше мој сон и морав да го остварам. Тоа беше мој личен предизвик, но и судбина“, изјави Боју, кој имаше и три неуспешни обиди во последните четири години.

Марк Инглиз од Нов Зеланд во 2006 година стана прв и досега единствен човек без двете нозе кој го остварил овој подвиг.