КОМИЧАР СУМ, А НИКОГАШ НЕМАМ ДОБИЕНО НАГРАДА ЗА КОМЕДИЈА, ВЕЛИ БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Иако е еден од најпопуларните комичари во Македонија, актерот Благоја Чоревски вели дека никогаш не добил награда за комедија. Чоревски, кој има играно во многу комични претстави, филмови и серии, вели дека му е неостварен сон да игра во „Магбет“ од Вилијам Шекспир.

„Од 1971 година бев во Драмскиот театар, но никогаш не ми се исполни желбата да играм во ‘Магбет‘. Не ме поканиле, веројатно затоа што ме сметаат за комичар, а никогаш не сум добил ниту една награда за комедија“, ни рече Чоревски.

Заедно со шестмина културни доајени, тој доби Орден за заслуги од претседателот Стево Пендаровски и рече дека тоа е големо признание и заокружување на неговата работа.

„Во пензија сум официјално од 2012 година, но интензивно работам цело време. Последно ја играв претставата ‘Среќен мртовец’ минатата година. Но, за мене нема последно и нема следно, не правам планови, но секогаш доаѓаат нови нешта“, ни рече Чоревски.

Претставата „Среќен мртовец“ имаше премиера во декември 2023.

„Го играм Живко, ‘живиот мртовец’, за кого на семејството ќе му јават дека е починат, а тој е всушност жив. Тука започнува нивната голгота, трчање од шалтер на шалтер за вадење документи. Темата на претставата не е слична со филмот ‘Викенд на мртовци’. Приказната е идеална за денешно време, кога една година чекаме да извадиме нови лични документи“, ни кажа лани Чоревски за претставата, чиј автор е Марјан Анѓеловски.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Ѓ. Личовски