Женската ватерполо репрезентација на Јужна Кореја прими неверојатни 94 голови на првите две средби на Светското првенство во водени спортови во корејскиот град Гвангџу, но по завршувањето на мечот со Русија, тие не плачеа од мака, туку од среќа.
Корејките беа понижени од Унгарија во првото коло, кога беа потопени со 0:64, за потоа да постигнат еден гол во поразот од Русија од 1:30. Погодокот на Кјунг Да-сеул во последната четвртина предизвика силни емоции кај целиот тим. Осумнаесетгодишната хероина беше тажна што не ја доби топката како спомен на овој историски момент.
„Би сакала да ја имам топката, но не знам каде заврши. Би била благодарна ако некој успее да ја пронајде за мене“, кажа Кјунг.
Таа ја затресе мрежата на Русинките во моментите кога тие водеа со 27:0.
„Кога шутирав, мислев дека нема да влезе. Ова немаше да биде можно без моите тимски колешки“, додаде Кјунг.
Јужна Кореја успеа да состави тим на само еден месец до почетокот на првенството и сите освен капитенката Ох се сѐ уште тинејџерки.