КРИС ПРАТ СЕ ОЖЕНИ СО ЌЕРКАТА НА АРНОЛД ШВАРЦЕНЕГЕР

Лос Анџелес, (АП)

Крис Прат и Кетрин Шварценегер се венчаа викендов во Калифорнија, на церемонија што ѕвездата на „Чувари на галаксијата“ ја опиша како „интимна и емотивна“. Тој ја потврди радосната вест на Инстаграм, додавајќи дека се венчале „во присуство на Господ, своите семејства и на луѓе што ги сакаат“.

„Вчерашниот ден беше најдобриот во нашите животи. Се чувствуваме благословени што заедно почнуваме ново поглавје од нашите животи“, кажа Прат.

Тој притоа му се заблагодари и на Џорџо Армани за фустанот и костумот што Кетрин и тој ги носеа на венчавката.

Триесет и деветгодишниот актер и ќерката на Арнолд Шварценегер, која е писателка, се заедно од минатото лето, а во јануари објавија дека се свршиле.

Ова е втор брак за Прат, кој минатата есен по девет години се разведе од актерката Ана Фарис, со која има син.