„КВИН“, „ДЈУРАН ДЈУРАН“ И ДАЈАНА РОС МЕЃУ УЧЕСНИЦИТЕ НА КОНЦЕРТОТ ВО ЧЕСТ НА ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА

Лондон, (Би-Би-Си)

Дајана Рос, „Квин“, „Дјуран Дјуран“ и Род Стјуарт ќе бидат дел од големиот концерт на 4 јуни во чест на платинестиот јубилеј на Елизабета Втора, односно 70 години од доаѓањето на британскиот престол. Пред Бакингамската палата ќе настапат и Алиша Киз, Ханс Цимер, Крег Дејвид, Андреа Бочели, Најл Роџерс и други, додека настапот на Елтон Џон ќе биде однапред снимен бидејќи е на европска турнеја.

Покрај музичките ѕвезди, ќе се појават и Дејвид Атенборо, тенисерката Ема Радукану, Дејвид Бекам и актерите Стивен Фрај и Џули Ендрјуз. Настанот во живо ќе го следат 22.000 луѓе.

Гитаристот на „Квин“, Брајан Меј, се враќа на истото место 20 години по прочуениот настап на покривот на Бакингамската палата, кога се одбележуваше златниот јубилеј на кралицата. Тој најави дека повторно би можел да свири на некое неочекувано место.

Два и полчасовниот концерт ќе биде еден од централните настани во прославата на јубилејот, што ќе се одржува за време на четиридневен празник во јуни.