Леброн Џејмс и Брони Џејмс испишаа историја на НБА откако станаа првите татко и син кои заедно играле за ист тим, настапувајќи за Лос Анџелес Лејкерс на претсезонскиот меч со Феникс Санс. На денот кога полнеше 20 години, Брони првпат влезе во игра во втората четвртина од мечот што Лејкерс го изгуби со 118:114.
„Вау, ова беше нереално“, напиша Леброн Џејмс на Икс по натпреварот.
Зборувајќи со новинарите, тој рече:
„Кога заврши еден тајм-аут, стоевме еден до друг и го погледнав. Тоа беше како да сум во ‘Матрикс‘. Не изгледаше реално“.
Триесет и деветгодишниот Леброн, кој влегува во својата 22. НБА сезона, беше стрелец на 19 поени, додека Брони не постигна кош за 13 минути на теренот. Лејкерс го избра Брони во втората рунда на годинашниот драфт, по што Леброн го продолжи договорот за уште две години.
Новата НБА сезона почнува на 22 октомври, кога Лејкерс игра против Минесота.
(Фото: АП)