ЛЕО МЕСИ СТАНА СЕДМИ ФУДБАЛЕР СО ПОСТИГНАТИ 700 ГОЛОВИ

Барселона, (Би-Би-Си)

Лео Меси стана само седми фудбалер во историјата кој постигнал 700 голови, а јубилејот го достигна со успешно изведениот пенал на дербито Барселона-Атлетико (2:2). Тоа беше неговиот 630. гол на 724-те одиграни натпревари во дресот на Барселона.

За константноста на Меси зборува податокот дека тој има дадено најмалку 40 голови во секоја од изминатите 11 календарски години, односно повеќе од 50 во девет од последните десет години. Поради тримесечната пауза поради пандемијата на коронавирусот, оваа година е на само 11 голови.

Од 700-те голови, 582 ги постигнал со левата нога, 52 биле од слободен удар, а 90 од белата точка.

На 33-годишниот Аргентинец му требаат уште 105 голови за да го достигне рекордерот Јозеф Бицан, чешко-австрискиот фудбалер кој играл од 1931 до 1955 година. Во клубот 700 уште се Ромарио (772), Пеле (767), Ференц Пушкаш (746), Герд Милер (735) и сѐ уште активниот Кристијано Роналдо (726).