Градскиот совет на Лисабон објави детали од договорот со Мадона за паркирање на флота автомобили, откако беше обвинет за давање специјален третман за американската поп-дива.
Неделникот „Експресо“ ја објави сторијата за договорот, со кој на Мадона ѝ се дозволува да паркира повеќе отколку што може да прими просторот, кој е ограничен на 15 возила. Локацијата е до нејзината резиденција на брегот на реката Тежо.
Веста предизвика огорченост во политичкиот сектор во главниот град, кој страда од недостиг на паркинг места и од сообраќаен метеж.
Главната опозициска партија ПСД изјави дека сака да ја знае причината зошто градоначалникот дозволил ваков исклучок.
„Градот Лисабон не му припаѓа на Фернандо Медина”, рекоа од ПСД.
Градското собрание одлучи да ја открие содржината на договорот со Мадона, велејќи дека е изготвен „за да се избегне сообраќајниот хаос на тесен, но многу фреквентен пат”. Потпишан во јануари, договорот ѝ дава на Мадона пристап до земјиштето за 720 евра месечно.
Поп-ѕвездата се смести во Лисабон минатото лето, следејќи ги стапките на актерите Моника Белучи, Мајкл Фасбендер и Џон Малкович.