На концертот на Симон Трпчески со оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“, публиката со голем аплауз ја награди младата диригентка Ана Спасовска, која диригира во оркестарот „Ајга“.
Спасовска вчера се врати од Келн, каде што беше поради соработката со маестро Кристијан Мачелару, кој е шеф диригент на Келнската филхармонија и музички директор на Радио оркестарот на Франција.
„Симон Трпчески е уметник кој е неповторлив. Човек на кој се восхитувам уште од најрана возраст, а причината за тоа ми се докажува секој ден сѐ повеќе и повеќе. ‘Македонисимо’ го сработивме со ‘Ајга’ во доста краток период благодарение на желбата и посветеноста кај секој член поединечно. Симон и квинтетот одиграа огромна улога во овој настан и дадоа посебна инспирација за сите нас“, ни рече диригентката.
Спасовска почнала да студира диригирање во 2018 на Факултетот за музичка уметност во Скопје со професорот Борјан Цанев. Победник е на првиот интернационален мастерклас и натпревар по диригирање во Сегед, Унгарија, и таму продолжила да работи како гостин диригент. Има настапувано со Симфонискиот оркестар од Дубровник, во Операта во Пловдив, со Македонската филхармонија, Скопскиот брас ансамбл, со „Банатул“, Филхармонијата од Темишвар. Годинава на покана на Радио Франција гостуваше во Францускиот радио оркестар во Париз, како асистент диригент и заменик на еден од најдобрите диригенти во денешно време, Кристијан Мачелару.
Како асистент диригент на маестро Габриел Бебешелеа, Ана настапуваше и во Темишвар, на настаните по повод Европскиот град на културата минатата година.
„Најгорда сум секогаш кога ќе го видам оркестарот среќен и нетрпелив да излезе на сцена. Тоа е најголемиот успех на еден диригент. За секој настап се трудам да го дадам својот максимум без разлика со кого настапувам“, вели Спасовска.
Минатата година, таа диригираше со оркестарот „Ајга“ на концертот на хрватскиот пијанист со светски успеси Иво Погорелиќ, на концертот во Филхармонијата.
„Моето искуство со Иво Погорелиќ беше прекрасно. Да се чуе неговата изведба на Шопен и истата да се надополни со оркестар е едно искуство што не може да се опише со зборови. Неговата специфичност е всушност неговиот темперамент, кој се отсликува и во неговата интерпретација. Не случајно го нарекуваат генијалец“, вели Ана Спасовска. Таа ги коментира и стереотипите дека диригенството се смета за машка професија.
„За мене никогаш не постоело машка или женска професија. Посебно не во музиката. Музиката е најсовршената уметност и со неа можат да се занимаваат само луѓето што се талентирани и вредни. За да стане еден човек диригент е потребно да има добар слух, јасни раце, одлично познавање на инструментите и делата, да знае да комуницира со луѓето и да знае да постигне што поголеми резултати во што пократко време. Сите овие работи подеднакво ги можат и жените и мажите“, рече шарматната диригентка.
Во слободно време, спортот ѝ станува секојдневна рутина и ја исполнува. Сака да се дружи и да поминува време со блиските, и да патува цело време кога ќе ѝ се појави слободен термин.
М. ЏАРОВСКА