„МАКЕДОНСКИОТ ДИЈАМАНТ“ ЕЛИФ ЕЛМАС МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ МЛАДИ ИГРАЧИ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ИЗБОРОТ НА БИ-БИ-СИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас се најде на листата на најдобри млади играчи на Европското првенство, што ја состави Би-Би-Си.

Роден во Скопје, 21-годишниот Елмас го оствари најскапиот трансфер во историјата на македонскиот фудбал кога за 17 милиони евра премина од Фенербахче во Наполи. Тогаш имаше само 19 години, но и две одлични сезони во Турција зад себе.

Елмас и во Наполи продолжи да го реализира својот потенцијал, паралелно со репрезентацијата, за која постигна четири гола на патот до ЕП, како и два во квалификациите за следното Светско првенство, вклучувајќи го победничкиот против Германија.

Опишувајќи го како „македонски дијамант“, Би-Би-Си вели дека Елмас може да игра „лажна деветка“ или како играч од среден ред.

„Иако зад себе има повеќе од 200 настапи во сениорска конкуренција, Европското првенство би можело да биде платформа за зголемување на неговото реноме. Во август, Наполи му го продолжи договорот до 2025 година, но тоа можеби нема да ги одврати неговите многубројни додворувачи“, пишува Би-Би-Си.

Елмас на 21, а Горан Пандев на 37 години денеска против Австрија (18 часот) ќе си го остварат сонот да заиграат на Европско првенство.