ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР ПРЕМИЕРА НА ТАНЦ ПРЕТСТАВАТА „ПЕТТОТО ГОДИШНО ВРЕМЕ“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Велешкиот театар вечерва од 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Петтото годишно време“, работена по текст на Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, во изведба на балерината Олга Панго.

„Петтото годишно време“, која е трета премиера годинава на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, е магистерска претстава по театарска режија на Зафирчев, под менторство на проф. Дејан Пројковски. Зафирчев ја најавува претставата како танц-театарски моноперформанс кој ги истражува и имплементира авторските и уметнички постапки од постдрамскиот театар и танц театарот.

„Претставата на необичен, силно емотивен, авторски специфичен начин раскажува приказна за балерина од 73 години, која боледува од Алцхајмерова болест и е сместена во старечки дом. И покрај ограничувањата кои ги носат болеста и возраста, таа се обидува грчевито да ги врати најзначајните моменти од нејзиниот минат живот, со цел да стигне до нејзиното вечно сценско време или до нејзината физичка смрт“, рече Зафирчев.

Претставата е дел од 58. издание на Рациновите средби.

Улогата на балерината ја има Олга Панго, уметничка директорка на Балетот во Националната опера и балет.

„Бев воодушевена од тематиката што романот ја обработува и раскажува. Тоа беше голем предизвик за мене, го прифатив и така го започнавме ова наше патување со Васил. Гледачите ќе видат борба на уметникот, борба на балетскиот играч, кој се бори до последниот здив да танцува, дише и биде на сцена. Старицата се присетува низ четирите годишни времиња на работи што ја правеле и среќна и тажна“, кажа Панго.

П. ПЕЧКОВ