Килијан Мбапе постигна 300 голови во кариерата побрзо од Лео Меси и Кристијано Роналдо и француските фудбалски легенди Тјери Анри и Жан-Пјер Папен се воодушевени од него. Мбапе ја достигна оваа бројка со хет-трикот на средбата со Гибралтар, на возраст од 24 години и 333 дена.
„Она што го прави ова момче е надвор од овој свет. Неверојатен е“, кажа Анри, кој имаше 30 години кога стигна до 300 погодоци.
Мбапе често го споредуваа со Анри на почетокот на кариерата. И двајцата поминаа низ фудбалската школа Клерфонтен и играа лево крило и како тинејџери освоија шампионска титула со Монако. И двајцата станаа светски шампиони на својот прв настан на мундијалите: Анри во 1998, Мбапе во 2018.
„Тој е стрелец, асистира, знае да прави сѐ. Некои не можат да дадат 300 голови ни на тренинг“, изјави Анри.
Хет-трикот против Гибралтар му беше 17-ти досега, а оваа сезона има дадено 21 гол на 19 средби. За Франција има 46 погодоци на 74 настапи, пет помалку од Анри и десет од рекордерот Оливје Жиру.
Жан-Пјер Папен верува дека Мбапе сѐ уште може многу да се подобрува.
„Кога немате ни 25 години, а веќе сте дале 300 голови, најдоброто допрва доаѓа. Квалитетите на Мбапе се речиси уникатни. Тој е способен, ако нема повреди, да дава 45-55 голови секоја година уште многу години“, вели Папен.
(Фото: АП)