МЕМОАРИТЕ НА БАРАК ОБАМА СЕ ПРОДАЛЕ ВО РЕЧИСИ 900.000 ПРИМЕРОЦИ ВО ПРВИТЕ 24 ЧАСА

Вашингтон, (АП)

Новата книга на Барак Обама „Ветена земја“ се продала во речиси 890.000 примероци во САД и Канада во првите 24 часа, со што ова би можеле да станат најпродаваните претседателски мемоари во поновата историја. Издавачката куќа „Пингвин рендом хаус“ кажа дека ова ги вклучува и претходните нарачки и книгите во електронска и аудиоформа.

„Возбудени сме од продажбите од првиот ден. Тие ја одразуваат широко распространетата возбуда што читателите ја имаат за оваа силно очекувана и исклучително добро напишана книга“, изјави Дејвид Дрејк од „Пингвин рендом хаус“.

Во „Ветена земја“, Обама на 768 страници зборува за своето време во Белата куќа и се навраќа на подемот на Доналд Трамп.

Мемоарите на Мишел Обама „Моја приказна“ се продадоа во 725.000 примероци на првиот ден во 2018 година, што во меѓувреме порасна на 10 милиони копии низ цел свет.

Најбрзо продаваната книга во поново време е седмиот и последен дел од серијалот „Хари Потер“, „Реликвиите на смртта“, која излезе во 2007 година, кога за 24 часа биле купени над осум милиони примероци.