„МЕТАЛИКА“ ЈА ПРЕКИНА ТУРНЕЈАТА, ФРОНТМЕНОТ ЏЕЈМС ХЕТФИЛД ПАК ОДИ НА РЕХАБИЛИТАЦИЈА

Сан Франциско, (НМЕ)

„Металика“ ја одложи претстојната турнеја во Австралија и Нов Зеланд, бидејќи фронтменот Џејмс Хетфилд повторно се пријави на рехабилитација за зависноста од алкохол.

„Жалиме што мораме да ги информираме нашите фанови и пријатели дека ја одложуваме нашата турнеја во Австралија и Нов Зеланд. Како што повеќето од вас веројатно знаат, нашиот брат Џејмс долги години има проблеми со зависноста и сега одново одлучи да се пријави на лекување за да работи на своето заздравување. Штом го дозволат тоа здравјето и распоредот, имаме намера да се вратиме во тој дел од светот“, се вели во заедничкото соопштение на членовите на бендот.

Светската турнеја на „Металика“, која трае веќе две години, требаше да продолжи на 17 октомври во Перт, Австралија.

Проблемите со алкохолот на Хетфилд детаљно беа опишани во документарецот „Some Kind of Monster“ од 2004 година, правен за време на снимањето на албумот „St. Anger“, кога тој исто така замина на рехабилитација. Во едно интервју од 2017, Хетфилд кажа дека 15 години не пие.