МИ СЕ ВРАТИЈА ЕМОЦИИТЕ И ТРЕМАТА ОД ЛАНИ СО КРАТКАТА КОСА ОД ХЕМОТЕРАПИЈАТА, КАЖА ЛИЛА СТОЈАНОВСКА ПО МОДНАТА РЕВИЈА ЗА ВЕНЧАВКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Лила Стојановска две години по ред ја затвара модната ревија за венчални фустани на Саемот за венчавки, на која како модели се појавуваат познати личности.

Минатата година таа се појави со кратка коса, веднаш откако објави дека се оперирала од рак на дојка и дека завршила со хемотерапиите. Сношти, водителката излезе последна на ревијата, овојпат со долга коса, но не носеше венчален фустан, туку рекламираше накит исто како и лани.

Минатата година на Саемот за венчавки, Лила се појави на модната ревија со кратка коса откако објави дека го победила ракот (Фото: В.Тануровски)

 

„Многу емотивно ја доживеав минатата вечер, уште кога влегов во салата ми се вратија сеќавањата од лани. Минатата година бев несигурна, имав трема затоа што за првпат јавно ја извадив периката, и ја покажав мојата вистинска кратка коса. Се мислев како луѓето ќе ме гледаат и што ќе речат. Годинава се погоди во речиси ист период како и лани, на ист настан. Сега имам подолга коса, но носам уметоци поради потребата на мојата работа, како и сношти“, ни изјави Лила Стојановска по ревијата.

За СМАРТ.СДК во септември минатата година, рече дека преку социјалните мрежи им дава поддршка на жените кои одат на хемотерапија, а тие секојдневно ѝ пишуваат и ѝ бараат совет. Со дел од нив се запознава, оди на кафе и вели дека на сите кои се борат со ракот им е достапна во секое време.

„За чувството кое го имам пред секоја контрола ќе ме разберат само оние кои го поминале мојот пат, никој друг не може да нè разбере. Секогаш постојат страв и сомнеж, нешто со кое човек многу тешко може да се справи, но размислувам позитивно и знам дека сето тоа е позади мене, но, сепак, не можам да кажам дека одам со песна“, кажа Стојановска.

М. ЏАРОВСКА 

Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ