Со долг аплауз и стоечки овации, публиката искрено ѝ го честиташе успехот на екипата од балетската претстава „Ана Каренина“, која премиерно се изведе синоќа во полниот салон на Македонската опера и балет (МОБ).
Модерната адаптација на познатата приказна за љубовта, страста, болката и жртвувањето, со современи и ефектни кореографски и режисерски решенија и со одбрана музика од Чајковски, ја направи хрватскиот кореограф Лео Мујиќ. Тој пред осум години ја поставил „Каренина“ во Хрватско народно казалиште во Загреб каде е прогласена за хит претстава.
Диригираше Бисера Чадловска, а славното трио Каренина-Вронски-Каренин го играа првенката-солистка Мими Поп Алексова-Атанасовска, Бобан Ковачевски и Васил Чичијашвили. Во екипата се и Марија Кичевска-Шокаровска, Саша Евтимова, Ивана Коцевска, Билјана Басмаџиева-Ковачевски, Олга Панго, Ангела Велевска, Тимотеј Николовски, Гала Кочевска, Мирослав Митрашиновиќ, Маја Митровска- Богојевска и Јан Кисилев.
Комплетниот визуелен дизајн на руската епоха е на костимографот Александар Ношпал и на сценографите Михајло Стојановски и Сашо Стојановски.
Репризата на „Ана Каренина“ е на 29 декември, а МОБ ја најавува следната изведба за февруари.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: К. ПОПОВ