„7 КОНЦЕРТИ ВО 7 ГРАДОВИ“ – МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА ОДИ НА ТУРНЕЈА ВО КИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската филхармонија од денеска ја почнува турнејата низ Кина, насловена „7 концерти во 7 градови“. Оркестарот до 8 јануари ќе одржи седум концерти во театарските сали во Хохот, Таијуан, Тангшан, Женгжу, Хенгшуи, Хефеи и во Донгуан.

Турнејата во Кина ќе ја предводи маестро Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години е чест гостин-диригент на Македонската филхармонија. Како солисти ќе настапат кинескиот пијанист Хају Жанг, кој ќе го изведува Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Петар Илич Чајковски, како и виртоузите на кларинет, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел, кои беа солисти и на Гала новогодишниот концерт на Македонската филхармонија „Точно на полноќ“.

На програмата се и дела од Гершвин, Бизе, Глинка и Штраус.

„Оваа турнеја е од голема важност за институцијата, бидејќи е прва во Азија и тоа со целиот симфониски состав. Мило ми е што младите генерации кои се дел од оркестарот ќе имаат можност да го искусат концертирањето на друг континент, што е чест случај за големите светски оркестри“, вели директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески.