МОДНИОТ ДИЗАЈНЕР РОБЕРТО КАВАЛИ ГО ДОБИ ШЕСТОТО ДЕТЕ НА 82 ГОДИНИ

Рим, (Дејли мејл)

Италијанскиот моден дизајнер Роберто Кавали го доби шестото дете на 82 години. Мајката на машкото бебе е неговата 38-годишна девојка Сандра Нилсон.

„Сандра е добро, исто и бебето, кое се роди во Фиренца пред една недела. Многу е убаво“, изјави Кавали.

Бебето го доби името Џорџо, според таткото на Кавали, кој бил убиен од нацистите при крајот на Втората светска војна. Роберто Кавали тогаш имал само четири години.

Легендарниот дизајнер доби две деца во првиот и три во вториот брак. Тој е во врска со некогашниот шведски модел од 2014, а следната година ѝ купи приватен остров во родната земја, за кој плати 2,2 милиони фунти.

(Фото: Инстаграм)