Аргентинскиот графичар Леонард Готлиб, добитник на Гран при на 11. Меѓународно графичко триенале во Битола и учесник на повеќе од сто биенални изложби на три континенти, ќе отвори своја изложба на графики на 21 ноември во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола.
„Моите дела упатуваат порака, еден вид еколошко четиво. Вистинскиот уметник размислува да го промени светот. Уметникот верува во тоа што го работи и ако успее да влијае на јавноста, тоа е фантастично. Мојата работа ни помага да размислуваме за планетата. Преку неа се обидувам да ги натерам луѓето да се грижат за природата. Во моите дела можете да видите мегаградови кои растат на начин што го вртат грбот на природата. ‘Плачот’ на градот е начин да се изрази дека има болка и дека мора да се грижиме за нашиот дом, а тоа е планетата Земја. Ова е на некој начин синтеза на мојата работа“, вели Готлиб.
Ова е негово второ доаѓање во Битола, инаку живее и твори во Буенос Аирес. Изложувал во Аргентина, Чиле, Уругвај, Парагвај, Колумбија, Шпанија, Германија, Италија, Словенија, Полска и Македонија. Добитник е на бројни национални и меѓународни награди од областа на ликовната уметност, меѓу кои и награда за уметничка извонредност од претседателот на Аргентина.
„Мојата препорака до млади уметници или студенти по ликовна уметност е да ја почувствуваат болката од мастилото, да чувствуваат задоволство во текот на процесот на творење и да го прават она што го налага нивната страст. Секој што има желба да се посвети на уметноста треба да го прави тоа без бариери и пречки“, вели Готлиб.
Галеријата каде што ќе биде изложбата се наоѓа во семејната куќа на првиот битолски графичар Ранко Струмениковски (1936-2000), која неговото семејство ја претвори во музеј.
Ж. ЗДРАВКОВСКА