„МОНТИ ПАЈТОН“ ОДБЕЛЕЖУВА 50 ГОДИНИ СО ОБИД ДА ВЛЕЗЕ ВО ГИНИСОВА КНИГА НА РЕКОРДИ

Лондон, (Гардијан)

Објавување на досега невиден материјал и обид да се постави Гинисов рекорд се меѓу настаните со кои легендарната група комичари „Монти Пајтон“ планира да ја одбележи својата 50-годишнина, во она што го нарекоа „засилено Пајтоновски свет“.

„Би-Би-Си радио 4“ ќе емитува посебна емисија, продуцирана од Мајкл Пејлин, во којашто ќе биде пуштен „досега необјавен материјал од звучните архиви на ‘Монти Пајтон‘“. Засега е нејасно дали некој од членовите на групата директно ќе земе учество.

Дел од јубилејот е и најголемиот собир на Гамбиевци на светот (Фото: ПА)

„‘Монти Пајтон‘ преживеа бидејќи живееме во многу Пајтоновски свет. Екстремната глупавост сега е порелевантна од кога било“, објави групата.

Пејлин, Џон Клиз, Ерик Ајдл, Тери Џонс, Тери Гилијам и сега покојниот Грем Чепмен, обединети во „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, засекогаш го променија светот на комедијата кога првпат се појавија на британската телевизија на 5 октомври 1969. Половина век подоцна, тие на овој ден сакаат да влезат и во Гинисова книга на рекорди, па ги повикаа своите фанови да земат учество во најголемиот собир на Гамбиевци на светот. Гамби е лик кој често се појавуваше во скечевите на „Монти Пајтон“, носејќи очила, тенки мустаќи, марама на главата и трегери.

Одбележувањето на јубилејот, што ќе вклучи и разни други настани, почнува на 1 септември.