Статуата Макфест и првата награда од 5.000 евра ја освои 17-годишната скопска тинејџерка Антониа Гиговска за композицијата „Не вели никогаш “, втората од 4.000 евра му припадна на Роберт Билбилов, а третата од 3.000 евра ја освои Дани Димитровска.
„Посакував некоја награда, но не се надевав дека ќе биде првата. Им благодарам на публиката и на сите кои гласаа за мене, што ја препознаа мојата песна и емотивно им влезе во срце“, презадоволна беше Гиговска кога дозна дека е прва.
На 33. издание на Макфест учествуваа 32 изведувачи. Годинава Макфест беше спој на десетина млади пејачи, од кои најмлада беше 14-годишната Сара Гигова и неколку искусни изведувачи од калибарот на Ѓоко Танески и Џина Папас-Џокси.
„Никогаш не сум победил на Макфест, имам добиено неколку утешни награди, но јас музиката ја чувствувам како љубов која треба да се пренесува на младите“, рече Џокси пред да започне фестивалот.
Награди од по 500 евра добија Наташа Малинкова за најдобра интерпретација, Нина Блажев за најдобар дебитант, Пепа за сценски настап и Роберт Билбилов за најдобар аранжман.
Т. ЈОВАНОВСКИ