40 ГОДИНИ ПО ДЕБИТО, „ДЈУРАН ДЈУРАН“ ГО ОБЈАВИ 15. АЛБУМ СО РЕЧИСИ ИСТАТА ПОСТАВА

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Кога британската поп група „Дјуран Дјуран“ го издаде својот деби албум, тие не знаеле колку долго ќе траат. Но, 40 години подоцна, Сајмон Ле Бон и екипата не покажуваат знаци на запирање и вчера го објавија својот 15. албум, насловен „Future Past“.

„Никогаш не очекувавме дека сè уште заедно ќе правиме музика по толку многу време. Бевме само деца кои ги спои панк рокот. Во доцните 1970-ти никој од нас не размислуваше долгорочно. Си велевме ако може барем да свириме следната година“, вели басистот Џон Тејлор.

Тој и клавијатуристот Ник Роудс ја основаа групата во 1978 година, по што им се придружија тапанарот Роџер Тејлор и пејачот Сајмон Ле Бон, а во класичната постава беше и сега веќе бившиот гитарист Енди Тејлор. Групата произведе десетици хитови во 1980-ите, продаде над 100 милиони албуми и освои две Греми награди.

Новата песна „Anniversary“ ја слави 40-годишнината од излегувањето на првиот албум во 1981.

„Оваа песна на некој начин го слави времето што го поминавме заедно како бенд“, вели Тејлор.

На новиот албум групата соработуваше со продуцентите Ерол Алкан и Џорџо Мородер, како и со гитаристот на „Блур“, Грем Коксон.

„Си поставивме широки параметри од самиот почеток. На нашиот прв албум има денс песни, но и седумминутен инструментал и неколку мрачни песни. Отсекогаш сме се чувствувале комотно да пробуваме различни работи во различни жанрови“, рече Роудс.