60 ГОДИНИ ОД ОБЈАВУВАЊЕТО НА ПРВИОТ АЛБУМ НА „БИТЛС“ – ГО СНИМИЈА ЗА 13 ЧАСА, ПА 30 НЕДЕЛИ БЕШЕ ПРВ НА ТОП-ЛИСТАТА

Лондон, (Дојче веле)

Во јануари 1963, „Please Please Me“ стана првиот број еден хит на „Битлс“. На групата итно ѝ беше потребен албум и тој беше снимен во еден ден, иако Џон, Пол, Џорџ и Ринго биле настинати.

Насловен исто така „Please Please Me“, албумот ја катапултираше четворката од Ливерпул меѓу водечките музичари на своето време. Објавен во Велика Британија на 22 март 1963, тој веднаш влезе во топ-10 на британската топ-листа, избивајќи на врвот на 8 мај. Таму остана 30 недели по ред, сè додека не беше заменет со вториот албум на „Битлс“, „With The Beatles“.

Овој успех беше награда за шест години неуморно свирење, чукање по врати и собирање искуство, а големи заслуги за него имаат и двајца луѓе кои многу верувале во групата: менаџерот Брајан Епстин и музичкиот продуцент Џорџ Мартин.

На крајот на 1962, групата стануваше попозната, но и натаму свиреше во мали сали или придружуваше други бендови и музичари. Првиот сингл го сними во октомври таа година, но „Love Me Do“ стигна само до 17. место на топ-листата.

Првата верзија на „Please Please Me“ била снимена во исто време, но Мартин сметал дека е премонотона и пребавна и затоа повторно ги викнал во студио. По снимањето, Мартин им рекол:

„Тукушто го снимивте вашиот прв број еден хит“.

Точно еден месец по објавувањето на синглот, „Битлс“ се врати во студио на 11 февруари и го сними целиот прв албум во една маратонска 13-часовна сесија. И покрај тогашната едноставна технологија, снимањето било доста скапо, 400 фунти, што е рамно на 8.500 евра денес.

Во тоа време било невообичаено бендовите да ставаат толку многу авторски песни на дебитантскиот албум, но само шест од 14-те песни на „Please Please Me“ се обработки.