„Спајс грлс“ го имаше првиот заеднички настап по седум години пауза откако ја почна својата повратничка турнеја, но голем број фанови останаа разочарани поради лошиот звук на концертот во Даблин.
Повеќе од 70.000 луѓе дојдоа на стадионот „Крок парк“ за да ја видат поп атракцијата од 1990-ите, иако во нецелосен состав, откако Викторија Бекам одби да им се придружи на своите бивши колешки. Сепак, голем број фанови се пожалија на социјалните мрежи дека концертот едвај се слушаше, иако платиле повеќе од 100 фунти за карта.
„Ужасно, ова е најлошиот звук што сум го доживеал на концерт“, напиша еден корисник на Твитер.
Мелани Браун се извини и вети дека ќе биде подобро на следните настапи.
„Спајс грлс“ за последен пат се собра за церемонијата на затворањето на Олимписките игри 2012 во Лондон, а на новата турнеја ќе одржи 13 концерти.