Ана Стојаноска ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026 со песна на Никола Мицевски, објави Македонската радио-телевизија. Детската Евровизија ќе се одржи на 24 октомври во Валета, Малта.
Од МРТ велат дека Ана Стојаноска е избрана по пат на аудиција.
„По внимателно разгледување и преслушување на настапите на кандидатите, стручната жири-комисија донесе едногласна одлука, препознавајќи ги вокалните способности, сценската појава и уметничкиот потенцијал на Ана. Песната ја напиша Никола Мицевски, еден од најпочитуваните и најуспешни композитори на македонската музичка сцена. Таа беше избрана преку отворен конкурс за автори, при што жири-комисијата исто така донесе едногласна одлука во корист на композицијата на Мицевски. Текстот е на Илчо Нечовски од популарниот бенд ‘Дупер’“, велат од МРТ.
Повеќе детали за песната и за официјалното претставување ќе бидат објавени наскоро.