Во Ликовниот салон во Велес отворена е изложбата „Имплозија и катарза“ од велешанецот Филип Коруновски. Тој се претставува со 28 дела, 27 се дигитална графика, а едно е видеосублимат на процесот на нивното создавање.
„Концептот е заснован околу визуелната уметност. За да ја проширам идејата, сметав дека има потреба од звучна подлога. Затоа со скенирањето на кју-ар кодот на секое дело има анимација со музика, компонирана и отсвирена од мене. Така секој може интимно да доживее секое дело. Симулирајќи графички техники во современа технолошка средина, се обидов да создадам простор каде што рачното и дигиталното, минатото и сегашноста, се среќаваат и меѓусебно се преиспитуваат“, кажа Коруновски.
Изложбата е дел од 63. Рацинови средби, но и од одбележувањето на 80 години од формирањето на Народниот музеј во Велес.
П. ПЕЧКОВ