АНДРЕА МИРЧЕСКА ПРИМИ „ЗЛАТЕН ОРИКС“ КАКО НАЈАВА НА 38. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Андреа Мирческа ја прими наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез музичар за 2019, како најава на 38. издание на Скопски џез фестивал, чија официјална програма почнува утре. Дваесет и едногодишната басистка е трет добитник на оваа награда, востановена во соработка со „Катар ервејс“, по тапанарот Виктор Филиповски и пијанистот Филип Димишковски.

„Среќна сум што ја добивам оваа награда, особено што тоа се случува на почетокот на мојата музичка кариера. Ова ќе ми биде поттик да продолжам со мојот музички развој и наскоро да понудам нови проекти“, изјави Мирческа на доделувањето на наградата во Младински културен центар.

Мирческа студира џез контрабас и е апсолвентка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Кирил Туфекчиевски. Освен што има свирено со „Летечки пекинезери“ и триото на Јордан Костов, таа е дел и од „Шамба“, новиот авторски проект на гитаристот Бојан Петков.

Вечерва на програмата на Скопскиот џез фестивал е проекцијата на документарниот филм за германската издавачка куќа „И-Ем-Си“, „Звуци и тишина“ (20 часот), по што во кино Фросина ќе настапи и групата „Некст ту сајленс“.