„Авалон продукција“ ќе ја заокружи прославата на 30. роденден со три рок концерти во Младински културен центар во Скопје следниот месец. На 20 декември ќе настапи проектот „Деца из воде“, кој ги свири песните на „Екатарина Велика“, следниот ден гостува „Психомодо поп“, а на 22 декември е концертот на „Партибрејкерс“.
Од „Авалон“ велат дека со овие концерти се враќаат таму каде што нивната приказна вистински почнала.
„По првите концерти во Куршумли Ан, следната станица на возот наречен ‘Авалон‘ во 1993 година беше МКЦ. Искрено, после Куршумли ан работите не ни беа баш јасни. Сѐ стана јасно со концертите кои следеа во МКЦ“, велат од „Авалон“.
И додека „Психомодо поп“ и „Партибрејкерс“ се веќе одамна етаблирани имиња на регионалната рок сцена, „Деца из воде“ е група создадена пред осум години за да го пренесува наследството на „Екатарина Велика“ и Милан Младеновиќ. Како специјален гостин на овој концерт е најавен Срѓан Тодоровиќ, кој пред да се прослави како актер, беше тапанар на „ЕКВ“, и тоа на некои од најдобрите албуми на групата.
Влезниците за трите концерти од утре (17 ноември) ќе бидат во продажба: за „Деца из воде“ чинат 600 денари, за другите два бенда по 700, а ќе има и блок карти од 1.500 денари.