Фестивалот на современа електронска музика „Десонанц“ вечерва го отвора своето јубилејно, десетто издание, кое ќе биде најобемно досега и ќе излезе од вообичаениот клупски простор.

Годинашниот „Десонанц“ ќе има три вечери, од кои првата ќе се одржи во Македонската филхармонија, што е необичен простор за овој тип на музика, но соодветен за настапот на австрискиот композитор Кристијан Фенес (20.30 часот).

Педесет и петгодишниот Фенес комбинира електрична гитара и лап топ, мелодија и семплови, за да се добие еден уникатен спој на класичната, електронската и на амбиенталната музика. Тој ќе настапи во тандем со германскиот уметник Лиливан, кој се смета за пионер на модерната видеоуметност.

Вечерашната програма ќе ја дополнат Куми Флу/Раз Охара од Берлин и легендарниот македонски музичар Кокан Димушевски, кој во својот настап ќе вклучи електроника и виола.

Петок е резервиран за клупската вечер во „Епицентар“, со трите најголеми имиња од берлинската издавачка куќа „Килекил“, Еомак, Фурфренд и диџеј Флаш.

В сабота ќе има концерти во Музејот на Град Скопје со Сим Хачинс и Нискоградба, а затворањето е истата вечер во „Епицентар“

Г. КОНЕВ