Скопскиот музичар Пиколомини утревечер во барот „Ла кања“ (20 часот) ќе го промовира својот трет студиски албум, што излегува под етикетата на независната издавачка куќа „Шарла“.

Насловен „Бела птица, црн бран“, тој содржи десет песни и доаѓа четири години по неговото претходно издание.

„Се работи за музички провокативен преплет, составен од пост панк, инди поп и њу вејв, но со многу стилски варијации. Истовремено е политички силен приговор на реалноста, но и чин на музичка љубов и можно прибежиште за неприлагодените на овој засега тешко разбирлив век, барем за оние родени и делумно пораснати во минатиот“, се вели во најавата на слушачката промоција.

Гости на албумот се пејачките Кристина Горовска („Бернајс пропаганда“), Надежда Рубен („Поган паган“) и Соња Димитриоска (КЛО). Комплетниот материјал е авторско и продукциско дело на Давид Ангелевски, а фотографијата за обвивката ја изработи Иван Илиев.