БИТОЛСКИОТ ОРКЕСТАР „ДИВА“ ЌЕ ОДРЖИ КОНЦЕРТ СО ХИТОВИТЕ ОД ДЕТСКИОТ ФЕСТИВАЛ „СИ-ДО“ СО ОРИГИНАЛНИТЕ ПЕЈАЧИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Битолскиот оркестар „Дива“ ќе ги свири хитовите од детскиот фестивал „СИ-ДО“ на концерт на 7 мај во Центарот за култура во Битола. Со концертот ќе се одбележат 30-години од постоењето на детскиот фестивал.

„Овој концерт ќе донесе на едно место музика, спомени и емоции и ќе ѝ овозможи на публиката повторно да ги доживее песните со кои израснаа многу генерации. Ќе настапат оригиналните пејачи со најпознатите песни од ‘СИ-ДО‘, кои по многу години повторно ќе ги пеат хитовите што оставија длабока трага во музичкото растење на многу деца. Некои од нив денес се професионални музичари, други избрале сосема поинакви животни професии, но кај сите останала истата искрена љубов кон музиката“, велат од „Дива“.

Публиката ќе има можност повторно да ги слушне хитовите како „Визба стара и гитара“, „Наташа од трето три“, „Како ли јас да пораснам“, „Ема“, „Софи, Софија“ и многу други.

„Концертот претставува ретка можност за сите оние кои пораснале со песните на ‘СИ-ДО‘ повторно да ги почувствуваат во живо, но и за најмладите да ја запознаат музиката што со децении останува сакана и актуелна“, додаваат од оркестарот „Дива“.

Билетите се продаваат преку мрежата на yournextevent.info. Диригент ќе биде маестро Владимир Димовски.

Ж. ЗДРАВКОВСКА