Сите очекуваа голема борба помеѓу Кендрик Ламар и Џеј Зи на 60. доделување на музичките награди Греми во Њујорк, а шоуто и главните трофеи им ги украде Бруно Марс, во вечерта во којашто жените речиси ги снема од листата наградени.
Музичарот роден на Хаваи ги собра трите најпрестижни награди, вклучувајќи ја и онаа за албум на годината („24-каратна магија“), што критиката предвидуваше дека ќе ја освои „По ѓаволите“ на Ламар. Марс, исто така, освои Греми за најдобра снимка („24-каратна магија“) и за најдобра песна („Тоа е она што го сакам“).
Џеј Зи имаше најмногу номинации годинава, осум, а дома си замина со празни раце, откако Кендрик Ламар ги собра сите четири награди во рап категоријата. Ламар на крајот имаше пет награди од седум номинации.
Канадската пејачка Алесија Кара е најдобар нов артист, во еден од ретките триумфи на женските изведувачи. Од вкупно 86 категории, тие победија само во 17.
Ед Ширан е поп изведувач на годината, однесувајќи ја и наградата за најдобар поп албум („Поделено“).
Леонард Коен, кој почина во ноември 2016 година, посмртно доби Греми за најдобар рок изведувач, а во рок категоријата уште триумфираа „Мастодон“ (метал), „Фу фајтерс“ (најдобра песна – „Бегај“) и „Вор он драгс“ (најдобар албум – „Подлабоко разбирање“).
Бруно Марс доминираше и во аренби категоријата, освојувајќи три од четирите награди, при што ги има најдобрите албум („24-каратна магија“) и песна („Тоа е она што го сакам“).