Виетнамскиот симфониски оркестар изведе композиција на македонскиот музичар Диран Тавитјан на концерт во Ханој, главниот град на Виетнам. На концертот диригирал маестро Ле Фи Фи, виетнамскиот диригент и професор, кој долги години живее и работи во Македонија.
Како солист настапила пијанистката Тра Нгуен, а настанот се одржал по повод 70 години од победата во Северозападната битка во Виетнам.
„Големо задоволство ми е укажаната чест да бидам дел од ваков посебен настан од големо значење за Виетнам, а на покана од реномираниот маестро Ле Фи Фи. Со него претходно имавме неколку спонтани средби и често разговаравме за музиката и можните идеи за соработка. Драго ми е што почнавме со овој убав повод и тоа во соработка со исклучителниот пијано виртуоз Тра Нгуен, како и со врвниот Симфониски оркестар на Виетнам. За мене е навистина задоволство, предизвик и одговорност да ја работам темата која Фи ја предложи, а е посветена на победата во Северозападната битка, врз која ја градев композицијата“, ни рече Диран Тавитјан.
Тој и претходно работел композиции и аранжмани за оркестри, како проектот со брат му Гаро Тавитјан Јуниор „Плеј класикс“, кој се изведуваше со камерни и симфониски оркестри низ Европа. Тавитјан е продуцент и аранжер и на двата албума „Македонското срце чука во 7/8“, снимени со брат му и со татко му Гарабет, на кои поп и рок ѕвезди од поранешна Југославија и од Македонија пеат обработки на македонски традиционални песни.
„Се одржаа преубави два концерта во преполната сала во Ханој, каде што во богатата програма премиерно се изведе и композицијата на Диран за пијано и оркестар, која е оркестрирана од него на тема на виетнамскиот композитор Данг Динх Хунг. Двете концертни вечери се одржаа во новата оперска сала во Ханој, а на сцената имаше околу 300 музичари. Покрај композицијата на Диран, се слушаа и дела на реномирани виетнамски композитори под диригентската палка на маестро Ле Фи Фи. Настанот беше емитуван во живо преку виетнамската национална телевизија АНТВ“, вели Гаро Тавитјан Јуниор.
М. ЏАРОВСКА