Повеќе од 50 изведувачи ќе настапат на осмото издание на Д фестивал во Дојран, единствениот музички фестивал на отворено во Македонија, кој почнува денеска и ќе трае до 8 јули.
Фестивалот, кој ќе опфати и разни други содржини и активности, ќе има четири музички бини, на кои ќе се изменуваат големи светски и регионални ѕвезди, како Пол ван Дајк, „Архангел“, Дуке Бојаџиев, Финк, „Дисајплс“, Севдализа, Горан Трајковски, „Смат“, „Бркови“…
Голем интерес привлекува и настапот на една од основачките на руската феминистичка активистичко-музичка група „Пуси рајот“, Марија Аљохина, која на 8 јули на Главната бина ќе го претстави нејзиниот најнов проект, театарско-музичкиот перформанс наречен „Денови на немири“.
Д фестивал и оваа година ќе биде многу повеќе од музички фестивал, при што програмата на „ПлоштАрт“ ќе изобилува со креативни работилници и дискусии, во коишто ќе учествуваат и невладини организации и здруженија, вклучувајќи го и Скопското астрономско друштво.
Фестивалот се отвора денеска во 15 часот, а покрај тридневни, ќе можат да се купат и еднодневни влезници по цена од 350 денари.
Г. КОНЕВ