ДАЈАНА РОС ГО СНИМИ ПРВИОТ АЛБУМ ПО 15 ГОДИНИ ПАУЗА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Легендата на соул музиката Дајана Рос го најави својот прв албум по 15 години пауза. Албумот „Thank You“ следува по „I Love You“ од 2006 година и целосно бил снимен во нејзиното домашно студио за време на пандемијата.

Оваа колекција песни е мој подарок за вас со благодарност и љубов. Многу сум благодарна што имав можност да ја снимам оваа величествена музика во ова време“, изјави Рос.

Албумот со 13 песни, чиј прв сингл беше објавен вчера, ќе излезе во септември и е нејзиното 25. студиско соло издание, а вкупно 43. во кариерата.

Сега 77-годишната Рос ја почна кариерата во 1960-ите, постигнувајќи светска слава како членка на триото „Сјупримс“. Ја напушти групата во 1970 и потоа имаше повеќе од 50 хитови на британската топ-листа.