ПРАИСТОРИСКАТА РИБА ЦЕЛАКАНТ МОЖЕ ДА ЖИВЕЕ ДО 100 ГОДИНИ

Париз, (Гардијан)

Целакант, огромна мистериозна риба која преживеала од времето на диносаурусите, може да живее до 100 години, објавија научниците.

Рибата со бавни движења, која може да порасне колку просечен човек, ја нарекуваат жив фосил и исто така расте со многу бавно темпо. Женките не достигнуваат сексуална зрелост до своите доцни 50-ти години, покажа студијата на француски истражувачи, додека машките целаканти се сексуално зрели од 40. до 69. година. Најчудното од сè е што бременоста трае околу пет години.

Целаканти постојат на Земјата околу 400 милиони години и се верувало дека се исчезнати додека не биле пронајдени во водите на Јужна Африка во 1938 година. Научниците долго време веруваа дека нивниот животен век е околу 20 години.

Тие се толку загрозени што научниците можат да го испитуваат видот само преку веќе фатени или мртви примероци.