ДЕДИ ЏИ, ОСНОВАЧОТ НА „МАСИВ АТАК“, СО ДИЏЕЈ НАСТАП ГО ЗАТВОРА 18. ОФФ-ФЕСТ

Скопје. (СМАРТ СДК.МК)

Грент Маршал, еден од основачите на легендарната британска трип хоп група „Масив атак“, ќе настапи на вечерашното затворање на 18. издание на Офф-фест, што ќе се одржи во клубот „Епицентар“, со почеток на полноќ.

Затворањето со забава со диџеј е нова традиција на Офф-фест и за оваа година е избран еден од основоположниците на таканаречениот бристолски звук, во кој се искомбинирани даб, реге, фанк, диско и хип хоп.

Маршал ја основа „Масив атак“ во 1988 година, но музичката кариера ја почнал и пред тоа како диџеј, настапувајќи под името Деди Џи. Поради големиот успех на „Масив атак“, со кој издаде пет албуми и промовираше цел еден нов музички правец, тој малку ја занемари оваа активност, па ова е ретка можност да се чуе во вакво издание.