ДЕВЕТТАТА СИМФОНИЈА НА БЕТОВЕН СО ФИЛХАРМОНИЈАТА, ХОРОВИ И ГОСТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Борба, надеж, победа“ е насловен вечерашниот концерт на Македонската филхармонија, од 20 часот, под диригентство на Густав Кун од Австрија.

Оркестарот ќе ја изведе една од најмонументалните симфонии на сите времиња, Симфонија бр. 9 од Лудвиг ван Бетовен, со повеќе солисти: Софи Горделадзе – сопран (Грузија), Џорџ Винсент-Хамфри – тенор (САД), Михаел Купфер – бас-баритон (Германија) и Марта Лоти – мецосопран (Италија), како и со Филхармонискиот хор „Светослав Обретенов“ од Бугарија и македонскиот хор „ПроАрс“.

Уште од премиерата во Виена на 9 мај 1824 година, кога Бетовен веќе бил потполно глув, диригирајќи без вистински контакт со музичарите поради што за малку бил избегнат дебакл, Симфонија бр. 9 станува едно од круцијалните дела во музичката историја.

„Деветтата“, како што велат од Филхармонија, не е само врвно достигнување на класицизмот и дело-водилка кон романтизмот, туку и супериорна композиција, чии звуци се поистоветуваат со химна на човештвото. Нејзиниот четврти став „Ода на радоста“ се користи како химна на Европа од 1986 година.