Д Фестивал најавува дека ова лето ќе има добра журка во Дојран, откако како нови учесници ги потврди Кирил Џајковски, Том Нови и Кептн Хук.

Еден од водечките македонски продуценти на електронската музика се враќа на Д Фестивал, кадешто ќе го претстави својот нов соработник, британскиот реге пејач Лајон Ди. Џајковски неодамна го објави првиот од неколкуте најавени синглови, па публиката во Дојран ќе има можност да чуе и дел од неговиот свеж репертоар.

Германецот Том Нови е добро познато име на светската хаус сцена, додека Израелецот Кепт Хук изминативе години е голема ѕвезда на прогресив трансот и ова ќе биде негово прво гостување во Македонија.

Освен нив, кон листата учесници се додадени и домашното трио „РИБ“ и „Сиди вачо“, бенд чии членови доаѓаат од три континенти, а на фестивалот ќе се изведе и хип хоп претставата „Црнила ремикс“, која ова лето оди и на „Егзит“ во Нови Сад.