Македонската диригентка, маестра Дијана Имери-Илкоска, гостуваше во Грузија, каде што работеше како асистент-диригент на италијанскиот диригент Клаудио Вандели. Овој нејзин ангажман следуваше по минатогодишниот успешен концерт што го реализираше со младинскиот оркестар „Гија Канчели“ во Грузија, од каде што доби покана повторно да соработува со ансамблот, кој се смета за еден од водечките младински оркестри во Европа.
Поканата за маестра Имери-Илкоска дојде од фестивалот за класична музика „Цинандали“. Нејзината соработка со Вандели на крајот беше оценета позитивно од страна на оркестарот, публиката, музичкиот директор на фестивалите „Вербие“ и „Цинандали“, Џанандреа Носеда, славниот виолинист Џошуа Бел и од самиот маестро Вандели, кој напиша и свое видување за соработката.
„Имери-Илкоска успеа да го подигне оркестарот на многу високо ниво на изведба, остварувајќи успешна комуникација. Ми беше задоволство да соработувам со Дијана и да ги видам нејзините талент, подготовка, професионализам, посветеност, страст и радост за создавање музика. Токму оваа енергија му е потребна на секој оркестар кој сака да ги осветли делата на големите композитори“, рече Вандели.
„Повеќе од почестена сум од мојата работа во Грузија како диригент, а особено да слушнам вакви пофални зборови од така голем и реномиран диригент и уметник како што е маестро Клаудио Вандели. Вистински ветер во грб во моментот кога ме очекуваат големи предизвици на меѓународната сцена“, вели Имери-Илкоска.
Следен нејзин ангажман е во Софија со тамошната филхармонија, а во ноември ќе гостува во „Коларац“ во Белград, овојпат како аранжер во рамките на „Чело фестивал“.