Младата кантавторка Дина Јашари влезе во финалето за европската музичка награда ХЕМИ, што ја доделува истоимениот центар за размена на музички иновации.
Меѓународно жири ги издвои Јашари и останатите осум финалисти од 280 музички имиња од централна и југоисточна Европа, при што во претпоследниот филтер од 27 изведувачи се најдоа и „Перија“ и Јон Ајди.
Јашари, која во својата музика комбинира поп, дрим поп и џез, лани во Србија ја доби регионалната музичка награда „Милан Младеновиќ“. Досега има објавено четири сингла и еден миниалбум.
ХЕМИ е нова програма која има за цел да поддржи талентирани изведувачи од Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија кои се подготвени да ја пласираат својата музика на европско ниво.