На 6 ноември, пејачката Дина Јашари со своето трио ќе одржи концерт во Прага, во салата „Палас акрополис“, како дел од премиерата на музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во кој и самата учествува. „Дина Јашари трио“ ќе настапи заедно со данскиот бенд „Ефтеркланг“, со кој ќе се обедини повторно на сцената по настапот на отворањето на фестивалот на европски филм Синедејс во јули годинава.
Ден претходно, триото ќе настапи во Крањ, а на 8 ноември во Нови Сад.
Последниот настап на Јашари во Скопје беше за време на фестивалот „Прво, па женско“ на 1 јуни, каде што првпат го претстави новото трио, во кое членуваат и Драган Теодосиев (тапани) и Лука Тошев (гитара).
Дина Јашари имаше успешна летна турнеја низ Балканот со настапи на четири островски фестивали во Хрватска, Егзит во Нови Сад, Мент во Љубљана и други.