Пијанистот Дино Имери вечерва од 18 часот ќе одржи концерт во салата на Музејот на македонската борба, кој ќе се пренесува преку социјалните мрежи. Настапот е насловен „Концерт во изолација“, а ќе се изведат дела од Бетовен, Рахманинов, Брамс, Дебиси и други автори.
Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти и предава на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Настапувал со огромен успех со филхармониите на Стразбур, Софија и Северна Македонија, Симфониски и Камерен оркестар на ФМУ и со Национална опера и балет. Рецитално настапувал на престижни сцени низ Европа, меѓу кои „Ватрослав Лисински“ во Загреб, палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж фестивал“ во Франција, Охридско лето и Скопско лето.